СТАПУВА ВО СИЛА ОГРАНИЧУВАЊЕТО НА ПЛОВИДБАТА ЗА СКУТЕРИТЕ Print

Ве информираме дека од 20. јули стапува во сила ограничувањето на пловидбата на пловните објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро. Забраната се однесува на пловните објекти „скутери“ кои се со јачина поголема од 45 kW кои можат да пренесуваат максимум 3 лица. Ограничувањето важи за периодот од 11.00 до 18.00 часот секој ден и важи за целата водена површина на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро, а е со времетраење до 20 август.

Ова ограничување на пловидбата на скутерите е согласно Одлуката на Владата на Република Македонија, која е објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 99 до 05.08.2009. Оваа одлука е донесена за заштита на граѓаните и сите домашни и странски посетители на езерата, односно поголема безбедност на капачите и заштита на животната средина на природните езера и истата не се однесува само на скутерите кои се наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор.

Во наведениот период, Капетанијата на пристаништата во соработка со  Министерството за внатрешни работи – Езерска полиција ќе врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи, при што доколку се’ констатира прекршок, прекршителите на оваа Одлука ќе бидат соодветно санкционирани.

За сите граѓани кои нема да ја почитуваат одлуката, пропишани се санкции, а висината на глобата што ќе треба да ја плати прекршителот изнесува од 6.000 до 8.000 евра во денарска противвредност за правни лица кои не се придржуваат до ограничувањето за пловидба, од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за трговци-поединци, а дополнително на овие глоби се изрекува и мандатна казна на лице место во износ од 600 евра во денарска противвредност. Глобата за физички лица кои нема да го почитуваат ограничувањето за пловидба изнесува 800 – 2.000 евра во денарска противвредност.

Министерството за транспорт и врски апелира до сите граѓани да ја почитуваат одлуката со што ќе се придонесе за поголема безбедност и подобар престој на туристите кои летуваат покрај езерата во Република Македонија.

 

 

                                                                                                  Со почит,

                                                                                                  Министерство за транспорт и врски

 

Превземено од: Министерство за транспорт и врски